Ракометарите на Металург денес во Швајцарија, односно во Цирих треба да го одиграат можеби најважниот натпревар во првиот дел од сезоната.
Металург го очекувата клучните 60 минути за влез во групната фаза од новоформираната Европската лига на ЕХФ. Екипата од Автокоманда брани два гола од првиот меч, а тренерот Зоран Кастратовиќ верува дека може да влезат во групите.
„Верувам во мојот тим и знам дека момците можат да одиграат многу подобро отколку што одиграа во првиот натпревар. Ни беше сосема јасно дека патникот за Европската лига ќе се решава во Швајцарија. За успех ќе мора да го промениме малиот број на упатени шутеви од бековските позиции. Верувам во овие играчи и се надевам дека овие два гола ќе ги одржат будни, фокусирани и на ниво во реваншот“, изјави Зоран Кастратовиќ, тренерот на Металург.
Доколку успеат да одиграат добро и ги одбранат двата гола предност од Скопје, Металург ќе му се приклучи на Еурофарм Пелистер во групната фаза во ова ново натпреварување на ЕХФ.
Дуелот меѓу Кринс и Металург се игра вечерва од 18.45 часот.