Предводникот на Вардар, Стевче Алушовски по мечот со Порто на прес-конференцијата зборуваше за нерешените 25:25 против тимот од Португалија.
Тој им честиташе на играчите за прикажаната борба. Жали за пропуштената шанса за победа, но вели дека Порто добро ја анализирал играта на неговата екипа, посебно во нападот.
„И честитам на екипата на Порто на добриот натпревар. Она што го кажавме пред мечот дека ќе биде тешко поради нивната игра „7 на 6“, тоа и се оствари. На крајот немавме среќа да се радуваме на победа, меѓутоа можеби и Порто заслужено освои бод. Добро ја анализирале нашата игра во нападот, голем хендикеп беше за нас отсуството на Дисингер и немањето шут од надвор, затоа што го имавме само Марко Вујин. Добро не имаа затворено во нападот, имавме таму проблеми, а одбраната беше коректна. Сакам да им честитам на моите момци затоа што се вратија од еден изгубен меч“, изјави Алушовски.
Следен натпревар кој треба да го игра Вардар во Лигата на шампионите ќе биде гостувањето кај ПСЖ на 28-ми октомври со почеток во 18.45 часот.