Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер е разочаран од одлуката во Премиер лигата во новата сезона да не се применува правилото со пет замени, кое беше на сила на крајот од претходната сезона.
Пред почетокот на новата сезона, 11 од сите 20 клуба гласаа за враќање на стандардните услови, од кои, сепак, жртвите се сега екипите кои учествуваат во еврокуповите. „Црвените ѓаволи“ не можат да сметаат на многу играчи поради повреди и болести, а со згуснатиот календар имаат играчи кои се лесно заморуваат.
„Не можам да верувам дека гласавме против ова правило“, рече денес Солскјер. „Веќе бевме сведоци на толку повреди. Нашата најголема должност е да се грижиме за здравјето на спортистите во текот на целата сезона. Знам зошто оние што гласаа за ова, одлучија така, но мора да разгледаме и како тоа влијае на играчите, и физички и психички. Најразумно решение е да им се дадат повеќе можности за одмор“. истакна Солскјер.
Веќе неколку недели Манчестер Јунајтед има два натпревари неделно. Во недела, „црвените“ го пречекуваат Арсенал во Премиер лигата. Ова ќе биде натпревар број 100 на Оле Гунар Солскјер како менаџер на тимот.
„Сè одеше толку брзо, досега уживав. Да се надеваме дека ќе имаме причина да славиме по добра игра и добар резултат“, заврши Норвежанецот.

