Оле Гунар Солскјер го имаше својот 100-ти натпревар како менаџер на Манчестер Јунајтед во неделата. Норвежанецот немаше причина да се радува на тоа, откако загуби со 0:1 на „Олд Трафорд“ од Арсенал.
Веднаш потоа, повторно се појави дилемата дали Солскјер е вистинската личност за позицијата и дали тимот навистина остварува напредок под негово водство. Одговорот на скептиците, се разбира, е негативен, но Солскјер може да изнесе одредени статистички податоци во негова корист. Според овие податоци, поранешниот напаѓач има подобри резултати отколку што забележа легендарниот Сер Алекс Фергусон на неговите први 100 натпревари во Манчестер Јунајтед.
Што покажуваат податоците? Екипата на Солскјер оствари 55 победи, 21 нерешени и 24 порази на своите први 100 натпревари. Според овој индикатор, тој е на третото место на вечната ранг листа на менаџерите на „црвените ѓаволи“. Пред него се само Жозе Мурињо, кој има 62 победи и 15 порази и Ернест Мангнал, кој забележа 64 победи и 13 порази. Резултатите на Сер Алекс на неговите први 100 натпревари се: 48 победи, 31 нерешено и 21 пораз.
Големото прашање е дали Солсјкер успеал да го убеди раководството на Јунајтед за неговиот проект и дали тимот на Манчестер Јунајтед навистина се развива под норвежанецот.

