Екипата на Еурофарм Пелистер ќе мора повторно на принудна пауза, а помина само една недела откако конечно им се врати на ракометниот терен и по пауза од осум месеци одигра еден официјален натпревар.
По гостувањето во Данска кај ГОГ Гудме во Европската лига, следниот натпревар за тимот од Битола требаше да биде дуелот со Кадетен Шафхаузен. Во моментите кога се очекуваше тимот да влезе во натпреварувачки ритам, последните тестирања за коронавирус донесоа лоши вести за раководството и стручниот штаб.
Од македонскиот вицешампион информираат дека во своите редови имаат нови заразени ракометари, а бидејќи бројката е веќе сериозна, ќе се испрати барање до ЕХФ за одложување на натпреварот од Европската лига против Кадетен Шафхаузен.
Соопштение не Еурофарм Пелистер во целост:
Еурофарм Пелистер ќе побара одложување на натпреварот против Кадетен Шафхаузен заради ковид позитивни случаи РК Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека и покрај строгите протоколи, принципиелноста и внимавањето, детектирани се позитивни случаи на ковид-19 во ростерот на екипата. По враќањето на тренинзи на ракометарите кои не се повикани во дресот на националните репрезентација, редовното тестирање пред продолжување со тренинзи евидентирани се неколку позитивни тестови на коронавирус, поголемиот дел асимптоматски. Клубот ги прекина планираните тренинзи и позитивните случаи заминаа во изолација. Со оглед на тоа што се очекува враќање на репрезентативците и нови тестирања, клубот ќе испрати барање до ЕХФ за одложување на натпреварот од третото коло на групата Д на Лига Европа против Кадетен Шафхаузен на 17 ноември во 18:45 часот. Клубот им посакува заздравување на заразените и наскоро ќе се огласи со следните чекори за обновување на тренинзите.
Натпреварот против Кадетен Шафхаузен е закажан за на 17 ноември, а претходно Еурофарм Пелистер мораше да го одложи и натпреварот од првото коло против Татабања, но тогаш поради големиот број заразени ракометари во редовите на унгарскиот тим.

