Репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година победи на последниот натпревар од квалификациите за ЕП 2021 година на меч против Црна Гора со 2:1.
Селекторот Благоја Милевски по натпреварот кажа дека жали за пропуштената шанса и оваа генерација да игра на уште едно големо натпреварување.
„Момците покажаа дека немаат само квалитети и потенцијал, туку и фактор плус. Штета за оваа генерација, која остана без пласман на Европско првенство. Задоволително ќе беше барем да одиграат барем плеј-оф. Форматот се промени на половина од овие квалификации, а тоа е голема штета. Треба да бидеме горди на момците и тоа што тие го покажаа во овој циклус. Не е мала работа да се освојат 18 бода во ваква група и да се биде најефикасна селекција, дури и повеќе голови постигнати од една Шпанија. Ние базата ја направивме пред три години, со овие фудбалери само ќе направиме надополнување. Што се однесува на самиот натпревар, бевме далеку подобри од противникот. Имавме шанси да постигнеме уште неколку гола и да казниме, но задоволен сум и со оваа победа“, рече селекторот Милевски.
Македонските репрезентативци го освоија второто место со пет победи, три реми средби и два порази.
