Ракометарите на Еурофарм Пелистер успеа да дојде до првата победа во новото натпреварување на ЕХФ, Европската лига, откако синоќа на домашен терен славеше против Тримо Требње од Словенија со сигурни 33:26.
Овој натпревар од тренерски агол по мечот го анализираше помошникот на Жељко Бабиќ, Божидар Мојсов, кој на прес-конференцијата рече:
„Честитки за противничката екипа за борбената игра, Тримо одигра цврст натпревар и беше многу тешко да се игра. Оваа победа ни беше многу потребна, и истата е како еден вид на шлаг на тортата за напорната работа. Имавме и проблеми сами со себе, па затоа сметам дека овој успех ни е добредојден за да ја вратиме самодовербата. Исто така сакам да им честитам на сите играчи за посветената и борбената игра и за крај сакам да му го честитам 20-от роденден на нашиот главен спонзор Еурофарм и заедно да славиме уште многу победи“ изјави Мојсов.
Екипата на Еурофарм Пелистер досега одигра пет натпревари, забележа една победа, еден нерешен резултат и три гостински порази.

