Традиционално европскиот ракометен шампион го дознаваме на крајот на мај или почетокот на јуни, но оваа година е различна од сите други зад нас, па така на крајот на 2020 година треба да го дознаеме тимот кој во наредниот период ќе го носи епитетот – Европски првак.
Келн, местото каде се крунисуваат шампионите во машкиот елитен ракомет ќе биде сведок на уште еден финален натпревар, а откако Веспрем и ПСЖ загубија вчер аво полуфиналето ќе мора денес да се задоволат со настап во мечот за 3 место. Финален судир во „Ланксес Арена“ треба да донесе супер интересен ракомет затоа што во него се среќаваат Барселона и Кил.
Благ фаворит на овој меч, како и на цел завршен турнир, е екипата на Чави Пасквал. Својот квалитет и форма ги покажаа со фантастична игра во големото дерби против ПСЖ предводе од Раул Гонзалез. Во истото Барселона атакува на десеттата европска титула, прва по 2015 година, кога дел од тимот беше и нашиот најдобар ракометар Кире Лазаров.
Кил предводен од Филип Јиха имаше неверојатен натпревар против Веспрем, по продолжение успеа да слави со 36:35 и да се пласира во финалето. Можеби предноста на Барселона е тоа што имаа малку повеќе време за одмор, но на вакви натпревари сè што се случило претходниот ден не важи и се почнува од почеток, а тоа сме го гледале низ многу примери во Келн.Финалето меѓу Кил и Барселона се игра со почеток во 20.30 часот, додека натпреварот за 3 место меѓу ПСЖ и Веспрем се игра од 18.00 часот.

