ПСЖ и официјално потврди за назначувањето на Маурисио Покетино за нов тренер. Аргентинецот потпиша договор со клубот од француската престолнина до 30 јуни 2022 година, со опција за дополнителна година.
48-годишниот Маурисио Покетино има историја во ПСЖ каде, како централен бек и капитен на клубот оствари 95 настапи помеѓу 2001 и 2003 година, постигнувајќи 6 гола. Маурисио Покетино дојде во Европа од Њуелс Олд Бојс, а настапуваше за Еспањол пред да дојде во ПСЖ. Како тренер ги водеше екипите на Еспањол, Саутемптон и Тотенхем, а сега ќе го предводи тимот на ПСЖ
„Јас сум навистина среќен и почестен што станав нов тренер на ПСЖ”, изјави Маурисио Покетино по потпишувањето на неговиот договор.
„Би сакал да се заблагодарам на управата на Клубот за довербата што ми ја дадоа. Како што знаете, ова е клубот кој отсекогаш имал посебно место во моето срце. Имам прекрасни спомени, особено од уникатната атмосфера на „Паркот на принцовите“. Денес се враќам во клубот со многу амбиција и сум желен да работам со некои од најталентираните играчи на светот. Овој тим има фантастичен потенцијал и мојот стручен тим и јас ќе сториме сè што можеме за да го направиме најдоброто за ПСЖ во сите натпреварувања“ изјави Покетино.

