27-то Светско првенство во ракомет се ближи кон својот крај, а организаторот објави неколку интересни податоци за СП пред одигрувањето на последните 4 натпревари. Покрај тоа што Египет 2021 година беше првото Светско првенство на кое настапуваат 32 екипи има уште нешто посебно од ова СП.
Постигнати се 5.623 гола, сметајќи ги шесте загубени натпревари од Зеленортската Република со 10:0 поради повлекувањето, тимовите постигнуваа многу голови и беа ефикасни, со просек од 56,77 постигнати голови досега по натпревар, втор најдобар резултат во историјата по Германија 2007 година, кога беа постигнати 57,88 гола по натпревар на одиграните 92 натпревари. Интересен податок за ова СП е тоа што во полуфиналето ќе играат 4 репрезентации кои дојдоа до овде без пораз, односно без да го почувствуваат моментот на пораз на ова СП.
Франција и Шведска без ниту еден пораз, како и останатите полуфиналисти, ќе играат за пласман во мечот за титула. Никој не мислеше дека француската репрезентација ќе стигне толку далеку и на ваков доминантен начин. Особено не по поразот и ремито со Србија во квалификациите за Европското првенство. Проблем ќе бидат отсуствата на Лука Карабатиќ и Н’Гесан кој се повредија во последен момент и нема да бидат дел од дуелот со Шведска. Скандинавците пристигнаа во Египет без многу ѕвезди кои останаа дома поради повреди и позитивни тестови на коронавирусот. Меѓутоа од почеток до сега Шведска покажа одлична игра и доминација. Франција има шест златни медали на светските првенства, а Шведска е со четирите. Традицијата е на страна на Французите кои победија на девет од 14 меѓусебни дуели со Шведска, која се радуваше три пати, а само еднаш резултатот беше нерешен.
Дуелот Франција – Шведска е прво на денешниот распоред од 17:30 часот.
Бранителот на титулата од пред две години Данска ќе се сретне со актуелниот европски првак Шпанија, во второто полуфинале на СП во Египет. И овие две репрезентации немаат пораз на овој шампионат. Шпанците тргнаа со реми против Бразил и потоа направија серија од 6 победи, додека Данска беше доминантна на сите натпревари, а нерешено одигра на мечот со Египет, но славеа по пенали и се пласираа во полуфиналето. Меѓусебните дуели се на страната на репрезентацијата предводена од Николај Јакобсен. Осум пати се радувале Данците, а во пет наврати победа запишала Шпанија. Интересно е што ниту еден меч не завршил нерешено. Последните две средби завршија во полза на данските ракометари. Двете репрезентации ќе атакуваат финале во најсилен состав и немаат некои поголеми проблеми со повредени играчи. Данска е фаворит на овој натпревар, со оглед на резултатите на последните неколку светски првенства. Речиси секогаш беа дел од завршницата, што не е случајот со шпанската репрезентација, која последен пат играла полуфинале во 2015 година.
Вечерва Шпанија и Данска играат со почеток од 20:30 часот.

