Македонскиот ракометен шампион Вардар ги продолжува своите настапи во Лигата на шампионите. Денес во Скопје гостува унгарскиот тим ПИК Сегед, а за двата тима ова ќе биде прва пресметка оваа сезона.
Корона-кризата ги одложи планираните дуели на Вардар и ПИК Сегед на почетокот на Лигата на шампионите, па мораше да се чека на првиот двобој дури во месец февруари. Вардар посакува освојување на бодовите против незгодниот унгарски тим, а пред денешниот натпревар во Скопје, традицијата е на страната на нашиот тим.
Вардар досега пет пати бил домаќин на ПИК Сегед, а унгарскиот тим ниту еднаш не победил. Македонскиот тим на контото има четири победи, а еднаш, во 2004 година, средбата завршила без победик.
Последната пресметка меѓу Вардар и ПИК Сегед во Скопје беше во 2019 година, кога Вардар славеше со убедливи 31:23, но тогаш ја имаа побликата во салата „Јане Сандански“. Сега ситуацијата е сосема различна, но Вардар повторно посакува триумф на дуелот кој се игра од 18:00 часот.

