Откако заврши групната фаза на Европската ракометна лига, организаторот на натпреварувањето го одреди костурот за нокаут фазата.
Единствен македонски претставник е Еурофарм Пелистер кој веќе знае кои клубови му стојат на патот до историски „фајнал-фор“ во месец мај.
Дуелот со Магдебург во осминафиналето е секако голем предизвик за битолчани, но доколку ја поминат оваа пречка, тогаш би можеле да се сретнат со победникот од двомечот меѓу Кристијанштад – Адемар Леон. На спротивната страна од костурот се други фаворити за завршниот турнир како францускиот Монпелје и германскиот Фуксе Берлин.

Натпреварите од осминафиналето се играат на 23 и 30 март, додека четвртфиналето е планирано за месец април. Најдобрите четири екипи ќе играат на Ф4 турнирот чиј организатор ќе биде дополнително одреден.

