Вечерва во 21:00 часот се игра реванш четврт-финалето во Лигата на шампионите помеѓу ПСЖ и Баерн (Минхен).
Првиот натпревар во Германија беше вистински спектакл и заврши со успех на францускиот шампион со 3:2. Така, освојувачот на трофејот беше поразен и ставен во неповолна положба, но сега ќе се обидат да ги свртат работите во своја полза на реваншот на „Паркот на принцовите“.
Ова ќе биде натпревар број 100 за Баерн во елиминациската фаза во Лигата на шампионите. Тие се втората екипа што стигна до ова ниво по Реал Мадрид. Баварците ќе се обидат да го одбележат овој настан со огромна победа што ќе им овозможи пласман во полуфиналето. Сепак, тие мора да победат со најмалку два гола разлика.
Дуелот помеѓу ПСЖ и Баерн е повторување на финалето од минатата сезона, кога Баварците триумфираа со 1:0 во Лисабон. Сега, сепак, победникот ќе биде јасен по два меча, со тоа што Парижаните веќе го добија првиот дуел.
Сепак, тие сè уште не можат да се радуваат, бидејќи мораат да го завршат она што го започнаа минатата недела. Со успехот на првиот натпревар, Французите му го нанесоа првиот пораз на Баерн во ЛШ од март 2019 година. Сега, Германците се подготвуваат за одмазда.
Интересен е сепак податокот дека Баерн ги загуби последните четири гостувања на „Паркот на принцовите“. Вкупната статистика меѓу двата тима е во прилог и на Французите, кои имаат 6 победи и 4 порази. Покрај тоа, ПСЖ продолжил понатаму во 16 од 17 случаи во кои го добил првиот натпревар на гостински терен во европските купови.
Добрата вест за Маурисио Почетино е дека Марко Верати и Алесандро Флоренци веќе се опоравија од КОВИД-19. Двајцата продолжија со тренинзите, но тренерот мора да процени дали се во доволно добра физичка состојба за да играат вечерва. Голманот Кејлор Навас се повреди на натпреварот против Стразбур, но се надеваат дека ќе може да игра. Настапот на Маркињос е исто така доведена во прашање поради проблем со ногата. Сепак, Мауро Икарди и Левин Курзава се опоравија од повредите и треба да бидат во комбинација.
Исто така Баерн Минхен има многу проблеми. Роберт Левандовски и Серж Гнабри, кои го пропуштија првиот натпревар, денес нема да играат и на реваншот. Првиот е повреден, а вториот се лекува од коронавирус. Во прашање е и Кингсли Коман откако се повреди на мечот со Унион (Берлин), а повреден е и Никлас Зуле кој нема да игра. Се надеваат дека барем Лук Хернандез ќе може да се опорави и да биде во составот.
Веројатни состави:
ПСЖ: Навас, Дагба, Переира,Кимпембе, Диало, Гај, Паредес, Ди Марија, Нејмар, Дракслер и Мбапе.
Баерн: Нојер, Павар, Боатенг, Алаба, Дејвис, Кимих, Мартинез, Сане, Милер, Коман и Чупо-Мотинг.
Стадион: „Парк на принцовите“ – Париз
Судија: Даниеле Орсато (Италија)

