Долго најавуваниот план на најголемите фудбалски клубови во Европа се официјализираше. Синоќа и официјално беше потврдено основањето на европската фудбалска Суперлига, каде ќе играат најдобрите екипи од стариот континент и ќе ги заменат настапите со Лигата на шампионите.
Незадоволни од третманот кој го имаат од УЕФА, гигантите на европскиот фудбал одлучија да си формираат свое натпреварување каде секоја недела ќе играат супер-квалитетни натпревари, нешто што веќе го има со кошаркарската Евролига. Милан, Интер, Јувентус, Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Арсенал, Ливерпул, Челзи и Тотенхем се екипите кои официјално прифатија да бидат дел од оваа лига. Неофицијално, потврда имаат дадено уште Баерн Минхен, а најавено е приклучувањето на РБ Лајпциг и Порто. Според планот лигата ќе биде составена од 20 тима, од кои 15 ќе имаат загарантирано место секоја година (екипите кои се наведени, плус три, се претпоставува дека тоа се Баерн, РБ Лајпциг и Порто), додека останатите пет ќе бидат екипи кои ќе играат бараж за да добијат место во новоформираната елитна лига.
Од првите информации кои беа објавени, екипите ќе добиваат по 350 милиони евра за учество во оваа лига, па тоа го потврдува мотивот за да се реализира овој план. УЕФА и ФИФА вчера најавија остри санкции и им се заканија на клубовите и играчите кои ќе настапуваат во Суперлигата.
Прв човек на фудбалската Суперлига ќе биде Флорентино Перез, а негов заменик претседател е Андреа Ањели од Јувентус, додека заменик-раководител е Џоел Глејзер од Манчестер Јунајтед.

