Екипата на Вардар е главен фаворит за освојување на трофејот во Купот на Македонија, но изненадувањата на Ф4 турнирите секогаш биле присутни, затоа во екипата на Вардар се внимателни и максимално посветени на завршниот турнир кој ќе се игра утре и во сабота.
„Во Купот сите екипи се фаворити. Сите се надеваат дека може да победат. Тоа се два посебни натпревари, две посебни приказни, две сосема поинакви дуели. Секој ја гледа својата шанса тука. Ова се четирите најквалитетни тимови и секој доаѓа со свој есап. Нема аутсајдери. Вардар никогаш не бегал од улогата што ја имал, и секогаш се стреми да биде победник. Во ситуација кога нема публика на трибините речиси е сеедно каде се игра. Треба да покажеме дека во моментов нашата форма е најдобра и овој месец да го завршиме планираното. Тренираме вредно, секојдневно. На овие дуели од Купот единствено ќе ни недостасува Анте Гаџа кој има повреда на раката и имаше операција. Сите други се максимално подготвени за полуфиналниот дуел со Металург. Тоа е дерби кое секогаш е интересно. Очекувам натпревари со висок интензитет и очекувам се разбира да бидеме победници“ истакна Алушовски.
Вардар1961 е најуспешниот тим во Купот на Македонија со 13 освоени титули досега. Ова е 28. Куп на Македонија, а минатата година истиот не се одржа поради пандемијата на Ковид-19.
Утре Вардар го игра првиот полуфинален натпревар против Металург од 16.30 часот во салата „Автокоманда“, а победникот од оваа средба ќе огра во финалето кое ќе се игра во сабота од 17.30 часот

