Македонската одбојкарската репрезентација доживеа уште еден неуспех на Европското првенство, откако го загуби и четвртиот натпревар во групата Ц и тоа од противник против кого се очекуваше дека можеме да се надигруваме и да ја бараме првата победа на ова ЕП.
Шпанија одигра одличен натпревар и заслужено нè победи со 1:3 во сетови (23:25,25:21,28:30,15:25).
Македонија влезе во овој натпревар со големи очекувања, а првиот сет го загуби со 23:25 и покрај добрата игра во поголемиот дел од истиот.
Вториот сет беше она вистинското и многу поквалитетно одиграно од нашите одбојкари кои го добија со 25:21.
Во третиот сет Македонија имаше шанса да го добие, водеше со 24:22, но дозволи Шпанија да направи пресврт и на разлика да го добие сетот со 30:28.
Четвртиот сет беше бледа сенка на нашата репрезентација и повторно загубија со убедливи 25:15 за конечни 3:1 во сетови. Со овој пораз згаснаа сите надежи за пласман во втората фаза на овој шампионат, а Македонија последниот натпревар ќе го игра в среда, против големиот фаворит Русија.

