Лоши вести за нашиот женски кошаркарски национален тим непосредно пред тргнувањето за Германија, каде утре вечер, во Хале, следува првиот натпревар од квалификациите за пласман на Евробаскетот кој во 2023 година ќе се одржи во Словенија и Израел.
Стручниот штаб, предводен од селекторот Александар Ашаданов нема да може да сметаат на услугите на Девана Бонер.
Бонер, која е еден од нашите најголеми адути во квалификацискиот циклус, се пожали на болки во пределот на рбетниот столб. По деталните лекарски прегледи, и ренгентските снимки, лекарскиот тим на нашата селекција процени дека во овој момент натурализираната Американка не може да одговори на барањата кои со себе ги носи еден натпревар од вака висок рејтинг како што се квалификациите за Евробаскетот 2023.
Согласно со тоа, Бонер мора да мирува во наредните неколку дена, и да ја спроведе планираната рехабилитација. А наредната контрола ќе покаже дали таа ќе биде подготвена за вториот меч од квалификациите, против селекцијата на Босна и Херцеговина во недела во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.

