Фудбалската репрезентација на Македонија утре ја очекува натпреварот со Ерменија, дуел кој е важен за двете селекции, а со тоа е јасно дека и Македонија и Ерменија ќе одат на победа. Како никогаш досега сме блиску до пласман во баражот за пласман на Светско првенство, но за тоа ни се потребни победи во последните два квалификациски натпревари, но и среќа од исходите на останатите натпревари.
Селекторот Благоја Милевски во пресрет на гостувањето во Ереван изјави дека неговите избраници се подготвени да ја искористат секоја шанса за да се оствари посакуваната цел.
„И двете селекции имаат подеднакви шанси за тоа второ место. На двете селекции им треба победа. Затоа сметам дека следува одличен натпревар, овојпат многу поразличен од тој во Скопје. На тој натпревар ја имавме доминацијата, но сега очекувам сосема поразличен дуел, отворен на двете страни, затоа што победата е важна за двете селекции. Секако дека отсуствата поради повредите на играчите од таков калибар како Адеми и Барди, а сега и Стефан Ристовски, Ракип, Јаховиќ и Николов, ни создаваат проблеми. Но, сигурен сум дека сите оние што се спремни ќе го дадат максимумот на овој натпревар. Има влијание тој недостаток, особено што не можам да сметам на сите играчи од средниот ред. Македонија е во фаза на создавање на тим, кој ќе биде костурот на селекцијата во наредните четири години. Но, сега не се откажуваме и секоја шанса за тоа второ место – ќе пробаме да ја искористиме“, рече селекторот.
Натпреварот Ерменија – Македонија во Ереван се игра утре (четврток) од 18 часот.