По серијата од три порази во елитното клупско натпреварување, ракометарите на Вардар денеска во Сегедин се надеваат на прекин на црната серија. ПИК Сегед е фаворит, но „црвено-црните“ секогаш играле добро на гостувањата во Унгарија.
Составот предводен од Хуан Карлос Пастор е актуелен шампион на Унгарија и моментно е на врвот на табелата во унгарското првенство. Пик Сегед е на четвртото место во групата „А“ со осум бода и само еден пораз.
Вардар влезе во лоша серија која не успеа да ја прекине на минатиот домашен меч со Кил.
„Ќе биде интересно да видиме како ќе се одвиваат двата натпревара. Вардар е подготвен, јас веќе реков дека мора да ја прекинеме оваа серија порази од Монпелје, Алборг и од Кил. Најголемата шанса ни е во Сегедин. Мора да одиграме храбро, Вардар по традиција игра добро во Сегедин, па се надевам дека и овој пат ќе биде така“, вели Вујовиќ.