Македонија загуби од Црна Гора со 28:24 во второто коло на Европското првенство кое се играше вчера , а со тоа ги загуби шансите за место во главната фаза на ЕП.
Левиот бек Филип Кузмановски по натпреварот беше крајно разочаран и рече дека ќе му биде срам да излезе на терен и да погледне кон трибината на дуелот против Данска.
„Срам ми е да излезам на терен против Данска пред овие наши навивачи. Тие заслужуваат многу повеќе во однос на тоа што го покажавме. Немам коментар, не знам што да кажам. Самите сме криви и требаше да ги поправиме техничките грешки од дуеот против Словенија, а денеска направивме уште повеќе грешки. Не знам каде е проблемот. Сите зборуваат за некоја нова Македонија, да смениме нешто, да не бидеме само пензионерска екипа, да трчаме. Ама ние трчаме како без глава. Црна Гора ни покажа како се бори, ние не се боревме и заслужено нѐ победија“, изјави Кузмановски.
За Македонија сега остана да го одигра уште натпреварот од третото коло против Данска во понеделник од 20.30 часот.

