Македонската фудбалска репрезентација ќе мора без Елиф Елмас да игра во плеј-оф дуелот со Италија во битка за место на СП 2022 година во Катар.
Светската фудбалска федерација (ФИФА) одлучи да ги избрише жолтите картони од квалификациските мечеви, но суспензиите остануваат, а тоа значи лоши вести за селекторот Благоја Милевски. Тој нема да може да смета на еден од најдобрите во нашиот национален тим.
22-годишниот Елиф Елмас направи еден непромислен потег и заработи жолт картон на последниот дуел со Исланд на домашен терен. Тоа значи дека ќе мора да прави пауза од еден натпревар, а ќе биде достапен за финалето од плеј-офот. На овој историски натпревар нема да може да настапи и Тихомир Костадинов, кој исто така има суспензија поради жолти картони.
Македонија ќе игра против актуелниот европски првак на 24 март во Палермо. Победникот од полуфиналето ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Португалија или Турција.