Денес со натпреварите од првото коло ќе стартува јубилејното 50-то издание на Меѓународниот ракометен турнир во Струга. Со пет домашни и три странски екипи, ќе се одржи овогодинешниот Струшки турнир, а титулата од минатата година ќе ја брани екипата на Вардар.
Токму бранителот на титулата денес ќе се сретне со дебитантот Алкалоид во терминот од 19:00 часот, додека премиерниот натпревар ќе го одиграат домаќинот Струга и Еурофарм Пелистер во 17:00. Свеченото отворање на турнирот е закажано во 20:40 часот, додека во последниот меч денес од 21.30 часот ќе играат Бутел и Целје.
Во групата А се натпреваруваат екипите на Вардар, Алкалоид, Бутел и Целје, додека во групата Б играат Еурофарм Пелистер, Струга, АЕК и Татран Прешов.
Натпреварите ќе продолжат и во наредните денови, ќе се игра утре, в среда, четврток, петок и сабота. По комплетирањето на двете групи, на петтиот натпреварувачки ден ќе се игра за пласман. На 20 август (в сабота) се играат натпреварите за пласман и финалето кое е закажано во 21:15 часот.