Еурофарм Пелистер посакува пласман на завршниот турнир во СЕХА лигата. Поради бројните проблеми низ кои мина регионалното натпреварува во последниот период, раководството на СЕХА, донесе одлука битката за патниците за Ф4 турнирот во Задар да биде решена со еден четвртфинален дуел.
Така, последниот натпревар од оваа фаза во СЕХА лигата се игра во Битола, каде домашната екипа на Еурофарм Пелистер го пречекува белорускиот шампион Мешков Брест. Додека Мешков не пропуштил ниту еден завршен турнир, откако се натпреварува во оваа лига, Еурофарм Пелистер во вечерва ќе се обиде да дојде до своето прво учество меѓу најдобрите четири екипи.
Двете екипи имаат значителни промени во текот на летото, што значи дека тренерите, кои исто така ќе имаат деби за СЕХА – Дмитри Тихон и Ларс Валтер, ќе имаат добра шанса да видат каде се нивните играчи во однос на формата во моментов.
Тимовите досега се сретнаа четири пати во СЕХА. Сите четири натпревари ги доби белорускиот тим, но на двата меча што се одиграа во Битола беше доста израмнето и неизвесно. Едно е сосема јасно, се подготвува вечерва ракометниот спектакл во Битола, а домашните навивачи се надеваат на успех на вечерашниот натпревар.