По дваесет години поминати во професионалниот фудбал, еден од најдобрите спортисти во историјата на Македонија, Горан Пандев, денес и официјално стави крај на својата богата играчка кариера.
39-годишниот Пандев крајот на својата фудбалска кариера го најави во интервју за „Газета дело Спорт“, а на социјалните мрежи објави видео од неговите најубави и најважни голови и со емотивна порака им се заблагодари на сите за поддршката.
„Погледнувам назад и сè уште не ми изгледа реално. Ова беше неверојатно патување. Толку многу емоции носам во себе и сакам да ги споделам со сите што ме поддржуваа на ова патување. Им благодарам на моето семејство, сопругата Надица, децата Филипо, Ана и Софија кои ми беа најголема поддршка. Им благодарам на моите родители и на мојот брат што ми овозможија да го остварам мојот сон. Им благодарам на сите мои фанови, од прв до последен сакам сите да ве гушнам. Завршува едно прекрасно поглавје. Во мене носам едно големо богатсво со емоции . Со цело мое срце… Горан“, напиша Пандев.
За најдобрата македонска репрезентација одигра 122 натпревари и со 38 гола е прв стрелец во нашата репрезентација. Дебитираше во далечната 2002, а токму под негово водство како капитен Македонија се избори за историски пласман на едно Eвропско првенство. Тој го постигна погодокот вреден виза за континенталниот собир, а потоа и дебитантскиот гол на Македонија на тоа Европско првенство.