Аргентина по третпат стана светски шампион откако во спектакуларното финале на СП во Катар ја совлада Франција по подоброто изведување пенали, а Лионел Меси влезе во историјата на аргентински фудбал.
Во регуларниот дел немаше победник (2:2) исто така беше и по продолжението (3:3) по 120 минути игра, а Аргентина славеше со 4:2 во пенал-серијата, во која Коман и Чуамени не беа успешни во своите обиди, пред бекот Монтиел да ја донесе титулата за Аргентина.
Аргентинците влегоа во мечот подобро и поофанзивно и тоа им се исплатеше во 23. минута, кога Лео Меси реализираше пенал по прекршокот на Дембеле над Ди Марија. Само 13 минути подоцна, Анхел ди Марија ја зголеми предноста на Аргентина по брзата контра што ја почна Меси, а ја продолжи Мекалистер.
Францускиот селектор Дешамп реагираше невообичаено и промени двајца офанзивни играчи (Дембеле и Жиру) уште пред истекот на првото полувреме.
И покрај овие измени во нападот, Франција не делуваше ништо поопасно во второто полувреме, додека Аргентина продолжи да го контролира мечот.
Сепак се случи пресврт. Во 80. минута Мбапе беше прецизен од белата точка по фаулот над резервистот Коло Муани, а по само една минута веќе беше 2:2. На асистенција на Турам, стрелец повторно беше Мбапе.
Петти пат во историјата на светските првенства, финалето отиде во продолженија и Аргентина повторно поведе во 109. минута преку Меси.
Финалето доби на дополнителна возбуда кога за Франција беше досуден уште еден пенал, што Мбапе го претвори во ново израмнување во 118. минута. Тоа е прв хет-трик во финалните натпревари на Мундијалите од 1966 година, но овојпат, победникот го решија пенали.