Германскиот репрезентативец и актуелен освојувач на Лигата на шампионите, Илкај Гундоган и официјално денес беше претставен во новиот клуб, Барселона. Фудбалерот пристигна од Манчестер Сити и се очекува да биде огромно засилување за Каталонците.
Договорот беше потпишан уште пред еден месец, но денес се случи официјалното претставување на играчот, а навивачите сметаат дека ова е одличен трансфер. Се работи за извонреден играч кој има многу трофеи позади себе, а воедно е неизоставен дел од германската репрезентација, и покрај тоа што веќе има полни 32 години.
За Гундоган не треба да се трошат премногу зборови, се знае дека тој е еден од најдобрите светски фудбалери на неговата позиција. Искуството што го собираше во Борусија Дортмунд и Манчестер Сити е од непроценливо значење за Барселона која добива топ-засилување за својата ротација.
Гундоган доаѓа во Барселона после цели седум сезони минати во дресот на Манчестер Сити, а последнава сезона ја круниса со освојувањето на тројната круна со Манчестер Сити кој стана само вториот англиски тим кој успеал да стигне до ова неверојатно остварување, а токму капитенот Илкај Гундоган го крена престижниот трофеј по финалето од Лигата на шампионите.
Се претпоставува дека Гундоган во Барса ќе заработува 7,7 милиони евра по сезона, а договорот е со важност на две години, со можност за продолжување на соработката.