Македонската ракометна репрезентација се подготвува за последниот натпревар на Европското првенство. Противник на нашите ракометари ќе биде селекцијата на Швајцарија, која забележа одличен резултат играјќи нерешено со Франција во второто коло.
Никола Костески на претходниот натпревар со Германија постигна два гола и очекува многу подобра игра на дуелот со Швајцарија.
„Видовте и сами како одигра Швајцарија против Франција. Имаат осум играчи кои настапуваат во Бундеслигата. Мораме да ја организираме подобро одбраната, зашто задачата ќе биде тешка. Мора да се поправиме и да се бориме до крај, со ум во нападот и во дефанзивата.
Се надевам дека ќе ги намалиме техничките грешки, имавме многу на претходните два меча. Секој играч е свесен за што играме, ние немаме пораз во историјата од Швајцарија, но тие се подобруваат. Ние во секој случај сплотено ќе влеземе во последниот меч и ќе дадеме 200% од можностите со победа да го затвориме настапот на Европското првенство.
Се бориме за нашата Македонија и мора да бидеме максимално фокусирани. Со брат ми и со моите соиграчи разговараме за нашите ривали, се обидуваме да пронајдеме подобри решенија за мечот со Швајцарија, па се надевам дека на крајот ќе бидеме успешни“, изјави повозрасниот брат Костески.
Натпреварот помеѓу Македонија и Швајцарија ќе биде важен за освојување на 3 место во групата кое може да ни донесе и полесен противник во следниот бараж и затоа е важно да се победи на оваа средба. Мечот е закажан за утре (16 јануари), во „Мецедес Бенц Арената“ во Берлин со почеток во 18:00 часот.