По долга пауза, македонската ракометна репрезентација оствари победа на завршницата на големите натпреварувања. Со Лазаров, но овој пат како селектор, Македонија денеска ја совлада Швацарија со 29:27 и го освои третото место во групата „А“ на ЕП во Германија.
Нашиот млад тим покажа поголема желба и упорност и сосема заслужено дојде до победата. Денеска на голот го имавме извонредниот Томовски, кому во финишот му се приклучи и Кизиќ со една важна одбрана на удар од 7 метри на противникот, по што нашата селекција успеа да дојде до предност од два гола во финишот и да ја запише првата победа.
Марко Митев и Ненад Костески запишаа по 5 гола и беа најефикасни во нашата репрезентација, додека Кузмановски и Пешевски постигнаа по 4 гола. Брилјантниот Томовски забележа 12 интервенции. Кај селекцијата на Швајцарија, Шмит со 12 и Цендер со 8 гола беа најефикасни.

