Ракометарите на Е. Пелистер утре против ПСЖ во Битола ги продолжуваат настапите во Лигата на шампионите. По подолг период на терените се враќа и нашиот долгогодишен репрезентативец Дејан Манасков. На денешната прес-конференција, тој ги споели очекувањата од утрешниот дуел.
„Помина доста време откако не сум на терените и едвај чекам да започне натпреварот против ПСЖ. Мотивиран сум, за тоа не треба да се разговара. Чест ми е што по една година пауза повторно ќе настапам во Лигата на шампионите. Доволно сме подготвени особено по победа против Вардар. ПСЖ повторно е меѓу петте најдобри екипи во Европа. Доволно знаеме каков стил негува Раул. Имаат добри поединци и затоа им ја препуштаме фаворитската улога, но нема лесно да ја продадеме кожата. Ќе дадеме максимум пред нашата публика и имаме добри шанси да изненадиме на преостанатите натпревари“, вели Манасков.
Мечот Е. Пелистер – ПСЖ е на програмата утре од 18.45 часот во салата „Боро Чурлевски“.

