Ракометниот клуб Вардар секојдневно го зголемува списокот на пријатели – спонзори кои застануваат зад проектот кој минатото лето го започна новото раководство на РК Вардар предводено од извршниот директор Борко Ристовски.
Во програмата на Спортско радио 90,3 разговаравме со Борко Ристовски на повеќе теми поврзани со тековното функционирање на клубот, за тековната сезона, за финансиското стабилизирање на клубот и за идните планови.
„Сезоната ја почнавме одлично со победа на турнирот во Струга, со освојувањето на Супер купот на Македонија (против Еурофарм Пелистер) и игравме одлично во првиот дел од сезона. Да не се случеа оние број повреди на клучните играчи , сигурно немаше да го имаме и тој пораз од Тиквеш, но што е тука е, иако имаме негатива во однос на Еурофарм Пелистер не се откажуваме и ќе се бориме до крај“ рече Ристовски.
Пред Вардар е добра иднина, а за тоа зборуваат бројните нови спонзори:
„Така е, во изминатиов период потпишавме договори со нови спонзори, а ги задрживме и старите, сакаме да имаме повеќе спонзори и Вардар да не зависи од еден или два спонзори. Она што ме радува е тоа што потпишавме соработка со „Кемпа“, тоа е еден многу важен спонзор за нас, се работи за соработка која ќе биде во наредните 3 години, а вкупнат вредност на договорот за овој период е меѓу 250-300.000 евра, тоа е сериозна сума која ќе ни значи многу, затоа што тие средства требаше да ги потрошиме за набавка на опрема, а сега ќе ги пренасочиме за нови засилувања“ додаде Ристовски.
Во однос на тоа како ја гледа иднината на РК Вардар, Ристовски даде конкретен одговор:
„Разговараме со играчите кои имаат договорои до лето, сакаме да го задржиме костурот на тимот од 7-8 играчи. Ќе преговараме со Мартин Томовски за продолжување на договорот, со Висла Плоцк сме во разговори за откупување на договорот на јапонскиот интернационалец Косуке Јасухира, а веќе ја продолживме со неколку млади ракометари до 2026 година. Едно сме сигурни дека Вардар следната сезона ќе игра во Европа, доколку бидеме шампиони имаме реални шанси да добиеме Вајлд карта за настап во ЛШ, што за жал, нема да важи за Еурофарм Пелистер. Мојата желба е да го вратиме Вардар таму каде шти му е местото, во ракомениот врв на Европа“ заврши Борко Ристовски.
Комплетното интервју на следниот ЛИНК

