Женската ракометна репрезентација на Македонија денес ќе ги дознае противниците од групната фаза за настапот на Европското првенство кое од 28-ми ноември до 15-ти декември ќе се одржи во Австрија, Унгарија и Швајцарија.
Нашите ракометарки првпат после 12 години обезбедија пласман преку квалификациите, а ова ќе биде и второ учество по ред, со оглед на тоа дека на минатиот шампионат, Македонија беше еден од домаќините и имаше настап.
Ждрепката која денес се одржува во Виена е закажана за во 18 часот , а ја чекаме од третиот шешир, во кој се уште и репрезентациите на Словенија, Хрватска, Полска, Србија и Исланд, што значи дека против овие репрезентации нема да може да играме.
Можни противници од првиот шешир се Норвешка, Данска, Црна Гора, Франција, Шведска и Холандија, а од вториот шешир репрезентациите на Швајцарија и Австрија изгледаат како поволен избор. Освен двата домаќини, во вториот шешир се и Германија, Шпанија, Романија и Унгарија.
Во најслабиот шешир по квалитет се селекциите на Чешка, Украина, Турција, Фарски острови, Португалија и Словачка, и се чини дека освен првите две, останатите се добар избор за противници.
Групната фаза од Европското првенство ќе се игра во Дебрецин, Базел и Инсбурк. Главната рунда во Дебрецин и Виена, додека главниот град на Австрија ќе биде домаќин и на завршницата.