Тренерот на кадетската фудбалска екипа на Вардар, Пепи Георгиевски, во интервју за Спортско радио 90,3 ФМ, посочи дека сите мисли во завршницата на сезоната ќе бидат насочени кон финалето на Купот.
„Со добра работа успеавме да ја оствариме главната цел и да влеземе во решавачкиот меч за пехарот. Таму ќе играме со екипата на Шкендија која е меѓу најдобрите во кадетска конкуренција. Во очекување на терминот за мечот, ќе се обидеме максимално да се подготвиме. Се надевам дека ќе го донесеме пехарот во клубот“ – изјави Георгиевски кој е повеќе од 25 години активен во тренерскиот дел на Вардар.
„Во моментов имаме неколку играчи кои се голема перспектива на клубот. Наша главна задача е да ги насочиме кон младинските и сениорските состави. Мислам дека треба да се подобрат условите за работа со младите категории во сите клубови“ – потенцираше Георгиевски во гостувањето на програмата на Спортско радио 90,3 ФМ.

