Македонската ракометна репрезентација со пораз се враќа од гостувањето кај Фарски Острови и со тоа го направи патот до СП 2025 многу потежок. Нашите момци одиграа меч под своите можности, па заслужено беа поразени со убедливи 34:27.
Иако негативата е голема, сепак селекторот, Кирил Лазаров порача дека ќе се борат до крај, а од публиката побара да дојде во што поголем број и да им даде поддршка.
„Фарски Острови беше подобар противник на вчерашниот натпревар и заслужено победи. Ни направија многу проблеми и во нашиот напад каде бевме приморани да играме „седум на шест“ доста време, а не сакавме да играме на тој начин. Нивниот напад беше технички скоро перфектен, иако бевме спремни за нивниот систем на напаѓање, сепак истите работи поминуваа.
Нема да губиме надеж и ќе веруваме до крај. Имаме неколку дена да се консолидираме и да пробаме да ја анлуираме негативата од седум гола. Ќе ни треба поддршка од публиката како никогаш до сега. Ќе се бориме и веруваме во позитивен исход во недела“ изјави Лазаров.
Натпреварот меѓу Македонија и Фарски Острови се игра на 12 мај (недела) во СЦ „Борис Трајковски“, со почеток во 19 часот, билетите веќе се пуштени во продажба.