Ракометниот состав на Ѓорче Петров откако ја обезбеди шампионската титула, сега се насочува кон завршницата на Купот. Таму противник во полуфиналето ќе му биде Куманово. Како течат подготовките, дали се задоволни од сезоната и општо за женскиот ракомет, разговаравме со Ива Божиноска и Ангела Јанкуловска, кои беа гости во Спортско радио 90,3 ФМ.
„Мислам дека заслужено го освоивме првенството, ние сме хомогена екипа која е одлично покриена на сите позиции. Купот е секогаш посебна приказна. Максимално се подготвуваме за мечот со Куманово и сакаме да дојдеме до финале. Севкупно сме задоволни како одмина сезоната, бидејќи одигравме одлично и во Европскиот Куп“ – вели една од поискусните, Ива Божиноска.
„Секако дека сакаме да го освоиме пехарот и во Купот. Ние поставивме рекорд за најмногу голови во првенството. Многу можевме да научиме и од мечевите со шпанскиот Елче во европскиот куп. Пласманот меѓу најдобрите осум треба да ни биде мотив за понатаму. Мислам дека и со репрезентацијата можеме да покажеме добри партии на Европското првенство“ – потенцираше левиот бек, Ангела Јанкуловска. Интервјуто со ракометарките на Ѓорче Петров може да го проследите на следниов ЛИНК.