Ракометарите на Еурофарм Пелистер како фаворити за освојување на Купот го дочекуваат стартот на финалниот турнир во Скопје. Битолчани в петок во СЦ „Борис Трајковски“ ќе го одиграат полуфиналниот меч со екипата на Тиквеш, а стратегот на „зелено-белите“, Бранко Ангеловски, вели дека дуелите со Тиквеш, особено оној на гости во првенството, беше најтешкиот за нив оваа сезона.
„На полуфиналниот меч со Тиквеш мора да влеземе максимално мотивирани со пристап кој го имавме во текот на цела година и само со таков пристап може да очекуваме место во финалето. Мечот со Тиквеш на гости беше можеби и најтешкиот меч за нас оваа сезона во првенството. Добро е што сите наши играчи кои играа за своите репрезентации се вратија здрави. Овој период беше малку и потешко да се работи поради остуствата на 13 наши играчи поради настапите во репрезентациите. Имаме одличен ростер и ќе имаме слатки грижи со кои 16 ќе настапиме во Купот“, вели Ангеловски во разговорот за Спортското радио 90.3 фм.
Утре во првото куп-полуфинале се среќаваат Алкалоид и Вардар, а в петок следува средбата меѓу Е. Пелистер и Тиквеш. И двата меча се закажани со почеток од 19.30 часот. Комплетниот разговор со Бранко Ангеловски може да го проследите на следниот ЛИНК.