Синоќа градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски и првиот човек на Еурофарм Пелистер, Зоран Стерјев, го потпишаа договорот за продолжението на платформата за ракометна Битола. Откако претходно Советот на општината го изгласа продолжувањето, се пристапи и се потпиша договорот кои ќе има важност во наредните две години.
Според истиот, општината треба да обезбедува по 18 милиони денари или 300.000 евра по сезона, со што е зголемена сумата која претходно беше поставена на 15 милиони денари. При потпишувањето на договорот, претседателот на клубот Стерјев се заблагодари за поддршката од општината и најави нови успеси на Еурофарм Пелистер.
„После 18 години титулата повторно се врати во најракометниот град во нашата држава. Втората година после освојувањето на титулата успехот го повторивме, бевме конкурентни за сите трофеи во нашата држава, веќе во нашите витрини од поново време ги имаме сите освоени трофеи. Ланската година ја имавме Лигата на шампиони, оваа година повторно сме дел од тоа елитно натпреварување, несомнено мислам дека ќе имаме далеку поголем успех и подобро претставување во ова натпреварување. Кога ќе се направи една ретроспектива треба сите да бидеме задоволни и горди, затоа што ова навистина е еден проект кој заслужува особено внимание и којшто треба да биде прототип на начин на соработка на локалната самоуправа и спортските клубови и приватните спонзори. Беше задоволство да се работи заедно со општината како главен партнер во целата оваа приказна, меѓусебното разбирање е на највисоко ниво и верувам дека тоа така ќе продолжи и во наредните години треба да бидеме сите спремни за уште поголеми успеси од оние кои сега ги постигнавме“, истакна Стерјев, нагласувајќи дека очекуваат добри резултати, затоа што екипата е на задоволително ниво за да понуди нови трофеи за Битола“, изјави првиот човек на клубот Зоран Стерјев.
Во измиантиот период откако беше потпишан договорот на првата платформа за ракометна Битола досега, Еурофарм Пелистер успеа да го врати шампионскиот трофеј во Битола. Пелистерци две години во низа се македонски шампион, а оваа сезона вторпат по ред ќе играат во ракометната Лига на шампиони.