Пред денешниот официјален тренинг во Торшавн, на прес-конференцијата зборуваа селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски и капитенот Енис Барди. Почетокот на четвртиот циклус на Лигата на нации е пред нас , а на гостувањето кај Варски Острови се осврна селекторот Милевски
„Ни следи првиот натпревар, а тој секогаш е тежок. Фарски Острови е квалитетен тим, дисциплинирани се и затоа имаме максимална почит кон нив. Сепак, наша јасна цел е првото место во групата на Лигата на нации. Треба да бидеме на својот максимум за да не зависиме од играта на противникот. Во минатото издание на Лигата на нации, Фарски Острови ја победија Турција, а тоа не е мала работа. Временските услови се такви какви што се. Не е лесно да се адаптирате од 35 на 12 степени. Затоа дојдовме ден порано и верувам дека ќе бидеме спремни. Мислам дека ќе се прилагодиме на сите услови и ќе го покажеме нашиот квалитет“, истакна селекторот Благоја Милевски.
На прес-конференцијата во Торшавн, зборуваше и нашиот капитен Енис Барди кој рече:
„Сите сме свесни што ни следи и направивме детална анализа за овој натпревар. Атмосферата секогаш е добра кога се игра за Македонија и можеби на овој собир имаме најдобра клима. Имаме одлични играчи, кои потпишаа за големи клубови како Димитриевски, Елмас, Миовски и од нив очекуваме многу. Не треба да бараме алиби и како и секогаш да бидеме максимално фокусирани на нашата игра. Не треба да ни недостасува желба и треба да излеземе просторот кој противникот ќе ни го понуди да го искористиме“ изјави Барди.
Средбата меѓу Фарски Острови и Македонија се игра утре (сабота) во Торшавн со почеток во 15 часот.