Поранешниот македонски фудбалер и репрезентативец, Зоран Бошковски- Чоко, кој е еден од добитниците на годинешнава награда – „8 Септември“ во областа на спортот, денеска беше гостин во студиото на Спортско Радио 90,3 ФМ. Стрелецот на првиот гол за Македонија по осамостојувањето, вели дека е посебна чест и задоволство да се добие такво големо државно признание.
„ Навистина сум пресреќен што мојата работа во фудбалот која трае повеќе од 30-ет години ми донесе такво значајно признание. Наградата е доказ за моето максимално вложување без разлика дали во клубовите, репрезентацијата или како тренер. Имаше многу емоција кај мене кога дознав дека јас ќе бидам меѓу добитниците“ – вели Бошковски.
„Мислам дека многу работи се променија од 90-тите години кога започна фудбалот во самостојна Македонија. Тогаш имаше големо медиумско внимание, многу еуфорија и публика на трибините. Играа големи имиња како наследство од претходната држава. Сега можеби има подобри услови за работа но, квалитетот не е на посакуваното ниво. Исто така и посетеноста на натпреварите. Сликата е променета и во репрезентацијата. Треба многу да се работи за да се постигнат добри резултати на сите полиња и во сите категории. Мислам дека треба да се вложува најмногу во најмладите “ – потенцираше Бошковски во интервјуто за Спортско радио 90,3 ФМ.

