Ракометарите на Еурофарм Пелистер го доживеаа вториот сезонски пораз во Лигата на шампионите, овој пат на домашен терен загубија од Фуксе Берлин (22:30). Пелистерци немаа сили да направат подвиг и да ја израдуваат својата публика против големиот германски фаворит.
По натпреварот, на прес-конференцијата зборуваше тренерот на битолчани Бранислав Ангеловски:
„Честитки до Фуксе за победата и одличната игра. Загубивме од подобар противник, кој добро играше во сите 60 минути и го искористи нашиот пад. Мислам дека во првиот дел се скрши натпреварот, кога од минимална негатива паднавме и ги казнија грешките. Сметам и убеден сум дека премногу промашувавме зицери од шест метри, а тоа даде свој тон на победата на ривалот. Имаме уште многу за играње, радува тоа што добивме уште еден играч од нашата школа. Задоволен сум од прикажаното на нашите млади играчи и се надевам на уште подобри игри од нив во иднина“ рече Ангеловски.
Следниот натпревар Еурофарм Пелистер го игра на 26 септември на гости кај Динамо Букурешт, тим кој има две победи на стартот на сезоната, а во меѓувреме македонскиот првак ќе игра на домашна сцена со Бисинов.