Македонија ја исполни целта и се пласираше во втората фаза на Светското ракометно првенство, а според резултатот на натпреварот со Гвинеја (29:20) сосема е јасно дека Македонија завршува на 3-то место во групата Д, а тоа значи дека наш прв ривал во следната фаза ќе биде селекцијата на Австрија.
По натпреварот со Гвинеја, анализа на мечот даде селекторот Лазаров кој беше задоволен од остварувањето на целта.
„Треба да бидеме задоволни од тоа што победивме, иако можеше да биде и подобро. Се виде тоа неискуство кај одредени млади ракометари за кои ова е прв или втор голем турнир. Сега ја видов статистиката и таа вели дека сме промашиле 20 шута од изградени позиции. Со ваква статистика против поквалитетен противник, сигурно е дека нема да победиме. Добро во целата оваа приказна е што успеавме да заштедиме и сили, ги одморивме искусните играчи како Пешевски, Митревски, па и Митев кој влегува во доста дуели и кој доста се троши, а има и една мала повреда. Преземавме мал ризик со младите ракометари, но ја исполнивме нашата цел и допрва не чекаат тешки битки.
Заштедивме енергија за тоа што следи и ги оставаме зад себе натпреварите со Унгарија и Холандија за кои има за што да жалиме. Благодарност до цела македонска јавност за поддршката која ја добиваме, ни следат три нови натпревари во втората фаза и таков е ритамот на Светските првенства. Ќе анализираме утре, нема многу време за подготовка, а бидејќи голем дел од играчите се млади, ќе видиме дали ќе успеат брзо да го сватат тоа што ќе им го кажам и дали ќе успеат да го спроведат на дело. Тоа е мојата дилема, но ќе видиме што ќе се случи. Добро за нас е што тука се македонските навивачи, очекуваме да бидат наши осми играч против Австрија, нивното присуство е обрска за мене и за играчите да дадат се од себе на секој меч“, изјави Лазаров.

