Македонската ракометна репрезентација одигра нерешено 29-29 во првиот меч од втората фаза на Светското првенство во Хрватска. Попаднево пред скоро празни трибини во арената Вараждин, нашите ракометари по голема битка на теренот која траеше 60 минути успеаја да останат непоразени на дуелот со Австријците.













Иако имавме одлична предност од 2-3 гола во текот на целото прво полувреме, со засилен финиш Австрија на одмор замина со гол-предност (14:13). Во второто полувреме до средината Австрија диктираше темпо и ја одржуваше предноста, а ние успеавме во последните 10 минути да се вратиме комплетно во мечот, па дури и да поведеме, а во финишот следуваше нова драма. Кузмановски промаши пенал на 1 минута до крајот, Австрија погоди за водство во последните 10 секунди, а оние 4 секунди кои останаа за нас, Кузмановски со една „бомба“ од над 10 метри успеа да донесе израмнување за конечни 29-29 и голем бода за Македонија.
Марко Митев со 6 гола беше најефикасен во нашиот состав. 5 гола постигна Пешевски, а 4 останаа зад името на Филип Кузмановски. Кај селекцијата на Австрија, Хутечек со 6 гола беше најдобар реализатор.
Македонија утре е слободна, а во четврток од 15.30 часот го игра мечот со Катар.

