Ракометната селекција на Македонија ја забележа првата победа во главната фаза, а втора на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка.
Македонија славеше со 39:34 во една полетна игра со брзи додавања и одлична реализација.
По средбата во „Арена Вараждин“ своја анализа на одиграното даде селекторот Кирил Лазаров.
„Честитки на момците за сето она што го прават за овој дрес. Тешко е на петти натпревар против квалитетен противник да имаш фокус, концентрација и борба. Секоја чест за сите играчи. Ние веруваме во она што го работиме, свесен сум дека имаме квалитет. Веруваме во системот, во поставеноста, во стратегијата. Се гледа дека собираме искуство, во неколку наврати ги вративме Катарците во натпреварот, но имаме игра која ни ветуваше победа. Честитки до играчите за нивната борба.
Штета што ги нема нашите навивачи од првиот круг, многу ми е жал, но тоа го прифаќаме. Оваа победа е за нив, за цела Македонија. Сега ни следува мечот со Франција, тие се фаворити на ова СП и одат на злато. Играат во страшен ритам, шутираат од далеку и даваат голови. Тоа се мои колеги, со кои играв до пред некоја година, има четири до пет играчи од Нанта, плус ѕвезди од другите клубови. Немаме што да загубиме, ќе се надигруваме, ќе се обидеме на друг начин да ја поставиме играта. Ќе биде многу тешко, но се надевам дека ќе има да се понадеваме на нешто во некој момент од натпреварот. Самото присуство на Светско првенство е големо искуство за младите играчи и се надевам дека сите во своите клубови ќе бидат на повисоко ниво. Сите добиваат шанса, а тоа е предност за нас како тим, за нив како индивидуалци и за сите“, рече селекторот Лазаров по натпреварот.
Во последното коло од главната фаза Македонија ќе игра против фаворитот Франција, в сабота во вечерниот термин од 20:30 часот.

