Македонија со добра игра и пораз од Франција од 32:25 го заврши настапот на Светското првенство кое се одржува во Хрватска, Данска и Норвешка.
Ова беше меч кој може да и послужи на нашата репрезентација како добро искуство за во иднина затоа што играа против селекција која е на врвот на светскиот ракомет, селекција која е фаворит за злато на ова СП. Голманот Никола Митревски беше еден од нашите најдобри поединец и забележа двоцифрен број на одбрани.
„Ако ги иземеме Франција и Данска, против секој друг противник би имале поголеми шанси. Знаеме дека Франција и Данска се најголеми претенденти за светската круна.
Се обидовме да одиграме без разлика на тоа што тие немаа некој императив за победа, но таков тип на играчи никогаш не се опуштаат, трчаа, се бореа без разлика на тоа што веќе го имаа обезбедено пласманот во четвртфиналето. Одигравме солиден натпревар, секоја наша грешка знаеја да ја искористат, мораме ние тоа да го научиме за во иднина“, -рече Митревски кој е оптимист и верува во потенцијалот што го има новата генерација.
„Имавме време да се одмориме по секој натпревар, имавме слободен ден. Можеби го кренавме нивото, но видовте на овој турнир, детали ни фалеа да играме во четвртфиналето. Ако ги добиевме двата нерешени натпревари сега ќе бевме во четвртфинале и овој меч ќе беше за прво место, ама тоа е нешто што мораме да го научиме како играчи, да веруваме и да се бориме против секого, видовме тука дека можеме против секого“ ,заврши Митревски.

