Ракометарите на Еурофарм Пелистер со пораз од ПСЖ на домашен терен ја затвори сезоната во Лигата на шампионите. „Зелените“ во мечот за престиж покажаа дека не случајно се дел од најдоброто европско друштво, одигрувајќи уште еден квалитетен натпревар. По мечот тренерот на „зелено-белите“ Раул Алонсо истакна дека е горд на играчите и за она кое го покажале оваа сезона.
„Многу сум горд на Битола и на моите играчи, затоа што денес дадовме се што можевме. Имавме тешка недела, дел од ракометарите беа болни, па не беше лесно да се подготви овој дуел. Можеби не бевме и доволно добри во одбраната. Како што кажав, јас сум горд на овие играчи, дадоа максимум. Овие натпревари ќе ги направат посилни. Среќен сум затоа што нашата публика ја препозна борбата и цело време беше со нас“, изјави Раул Алонсо.
Еурофарм Пелистер оваа сезона во Лигата на шампионите ја завршија со осум бода, што е многу подобар скор од минатата сезона.

