Ракометната репрезентација на Македонија дојде до првата од двете победи кои се потребни за пласман на следното ЕП во ракомет.
Македонија убедливо славеше кај Естонија во Талин со 17:36 (10:19) во претпоследниот квалификациски меч на пат кон Европското првенство. Естонците беа нерамноправен противник на нашата селекција која дојде до посакуваната предност уште на самиот старт на мечот. Сега останува в недела да се победи Литванија со барем три гола разлика во Скопје за сигурен пласман на уште еден континентален собир.
Македонија одлично го отвори натпреварот и го контролираше резултатот зголемувајчи ја предноста која на полувреме изнесуваше убедливи 10:19.
Во вториот дел продолжи сигурната игра на нашите ракометари кои само ја зголемуваа предноста за на крајот слават со убедливи 17:36.
Најсигурен во нашата репрезентација беше Мартин Серафимов со „пет од пет“, додека најефикасен со шест погодоци капитенот Филип Кузмановски, четири имаше Лазаревски, по три Костески, Ивановски, Пешевски. Кај голманите Мартин Томовски заврши со 12 интервенции, додека Никола Митревски во првиот дел имаше седум одбрани.

