Македонскиот преставник во Европскиот куп на ЕХФ, Алкалоид направи голем чекор до освојување на трофејот во ова натпреварување откако забележа голема и значајна победа на гостувањето кај АЕК Атина (25-29) во рамки на првиот дуел во финалето на Европскиот Куп на ЕХФ.
Ова значи дека во Скопје на реваншот ќе игра за трофеј во треторангираното натпреварување во европскиот ракомет. Екипата на Алкалоид не се исплаши од 9.000 навивачи кои го бодреа АЕК во Атина затоа што салата беше полна и се играше под голем притисок, ниту од прекините кои се случија во неколку наврати од жестоките фанови на грчкиот првак.
Мечот во Атина започна со водсво на АЕК, но потоа Алкалоид направи пресврт и дојде до предност од 5:6, за да се игра изедначено (11:11) во 23.минута. Сепак во финишот од првиот дел Алкалоид направи добра серија од четири гола и на одмор замина со 14:16.
На стартот на второто полувреме, Алкалоид успеа да се одлепи и на плус три, меѓуоа АЕК воден од публиката успеа да дојде на негатива од еден гол по мала криза во нападот на Алкалоид (17-18). Потоа, беше и 17-20, па следеше прекин откако Дамјан Митев на клупата беше удрен со шише во глава. Следуваше одбрана на пенал од страна на Галевски, па со реакција дополнително ја „запали“ публиката која фрлаше со предмети. По нов прекин, следеше предупредување од спикерот, за можно празнење на салата, па ситуацијата се смири и дуелот продолжи.
Ракометарите на Алкалоид до крајот на натпреварот ја одржуваа предноста од 2-3 гола разлика за во последната минута дојдат до предност од +4 односно 25:29 што беше и конечен резултљат на овој натпревар.
Најефикасен играч во Алкалоид беше Мартин Сефаримов со шест погодоци, а „пет од пет“ имаше Франциско Да Силва. Голем удел во овој триумф имаше голманот Иван Галевски кој фати пет пенали и вкупно девет интервенции, додека двоцифрен со десет одбранети удари беше Марко Кизиќ.

