Амбициозниот сопственик на Челзи, Роман Абрамович, одлучил повторно да вложи големи средства во својот клуб, а англиските медиуми пишуваат дека „сините“ ќе имаат спектакуларен состав следната сезона со кој ќе се обидат да ја освојат титулата на Островот.
Раководството на Челзи е подготвено да направи неколку големи трансфери и со тоа значително да го засили својот тим, а Абрамович ќе се обиде да ја искористи кризата поради пандемијата на коронавирус за да го направи клубот од „Стемфорд Бриџ“ уште посилен во овие тешки моменти кога скоро сите големи клубови во светот се погодени финансиски.
Лондончани го донесоа Хаким Зијех од Ајакс, можеби најдобриот играч во Холандија, а се близу и до потпишување договор со Тимо Вернер од Лајпциг. Клубот би можел да дојде и до Каи Хаверц, супер талентираниот играч на Баер Леверкузен, кој ја воодушеви фудбалската јавност со своите игри оваа сезона.
Исто така, на мета на Челзи е и левиот бек на Лестер, Бен Чилвел, за кого „сините“ се подготвени да платат меѓу 60 и 70 милиони фунти. Од фудбалерите кои треба да заминат во прв ред се Педро и Вилијан.