Претседателот на Пари Сен Жермен, Насер Ал-Хелаифи е категоричен дека клубот нема намера да ја пушти нивната суперѕвезда Килијан Мбапе следното лето да си замине како слободен агент.
Како што е познато, Мбапе најави дека сака да остане на „Паркот на принцовите“ и следната сезона, но и дека нема намера да ја искористи својата опција да го продолжи договорот со клубот до летото 2025 година. Тоа значи дека за една година францускиот интернационалец ќе може без пари да го напушти шампионот во Лига 1, најверојатно во правец на Реал Мадрид.
Сепак, при претставувањето на Луис Енрике за тренер на тимот, Ал-Хелаифи изрази уверување дека ПСЖ нема да дозволи тоа да се случи. Таа изјава ги подгреа гласините дека францускиот гигант е подготвен да го продаде својот напаѓач во овој преоден рок доколку играчот не се согласи на продолжување на договорот.
„Не сакаме тој да замине без пари во 2024 година. Нашиот став е јасен. Ако Килијан сака да остане, тоа го сакаме и ние. Но, за тоа мора да потпише нов договор. Не смееме да си дозволиме да го загубиме најдобриот играч на светот за без пари, тоа е невозможно. Ова е француски клуб и како што самиот кажа, не планира да си замине без пари. Ако некој се предомислил, не сум јас виновен. Нема да дозволиме еден од најдобрите фудбалери во светот да си замине без пари, тоа е многу јасно“, прокоментира Ал-Хелаифи.