Саудискиот клуб Ал-Наср продолжува да работи на трансферот на напаѓачот на Баерн Минхен, Садио Мане. На клубот од Минхен ќе му бидат понудени 40 милиони евра за играчот.
Платата на Садио Мане во Ал-Наср би можела да биде 40 милиони евра по оданочување. Забележано е дека клубот доставил барање до Центарот за стекнување играчи под Министерството за спорт на Саудиска Арабија за финансирање на овој трансфер.
Да потсетиме, претходно беше објавено дека самиот Мане дал зелено светло за трансфер во Ал-Наср. Во сезоната 2022/2023, Садио Мане одигра 38 натпревари за Баерн во сите натпреварувања, во кои постигна 12 гола и шест асистенции. Договорот на играчот со клубот од Минхен е со важност до крајот на јуни 2025 година.
Проценетата цена на фудбалерот, според интернет порталот Трансфермаркт е 25 милиони евра. Сенегалскиот напаѓач претходно во кариерата настапуваше за Ливерпул, Саутемптон и РБ Салцбург.