Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри за првпат ја коментираше казната на клубот од Торино, кој сезонава загуби 15 бода во италијанскиот шампионат.
„Што би сакал да им кажам на навивачите на Јувентус во овој тежок момент? Не чека важен натпревар ротив Аталанта во Серија А. Треба да се подготвиме за тоа и да продолжиме да работиме. Треба само да размислуваме што ќе се случува на теренот. Дали ситуацијата се промени откако загубивме 15 поени за нас? Не, ништо не се менува. Во секој случај, треба да освоиме поени. Ќе биде тешко бидејќи Аталанта е во добра форма. Ни треба победа која ќе ни овозможи да стигнеме до седмото место. Судските спорови се работа на клубот, ќе има жалба, како што веќе беше најавено. Размислуваме за играта. Имаме 22 бода, мора да победиме за да освоиме 25 бода, што ќе ни овозможи да одиме погоре.
Пред објавувањето на одлуката на судот ни недостигаше еден бод до второто место, продолжуваме да се бориме за пласман во Лигата на шампионите, а можеби и за освојување на шампионската титула. Мора да продолжиме да го правиме нашиот дел бидејќи кога ќе се објави конечната пресуда за два месеци, не треба да жалиме што не го направивме тоа што требаше да го направиме. Утре ќе биде важен натпревар. На истата позиција бевме и пред еден месец кога претседателот и управниот одбор поднесоа оставки. Ова е неочекуван настан, но мора да останеме смирени и да покажеме желба и одлучност за победа. Што ќе се случи понатаму, ќе размислиме подоцна, но засега ќе се обидеме да стигнеме до седмото место“, изјави Алегри за „Скај Спорт Италија“.